Вијести – Подгорица
Имал само девет години кога останал сираче во текот на етничкиот геноцид. Живеел во запален автомобил на депонија за смет во Руанда, каде претурал барајќи храна и облека. Преку ден просел на улица. Не се капел повеќе од една година.
Кога американската хуманитарка Лкер Ефионг, една недела ја посетила таа депонија, другите деца се разбегале. Нечист и гладен, Јустус Увајусу останал. На нејзиното прашање поради што не побегнал со другите деца, одговорил:
Сакам да одам на училиште.
И желбата му се исполнила. Оваа есен Увајусу се запишал на прва година на Харвард. Со целосна стипендија, ќе студира математика, економија и човекови права. На 22 години, датумот на раѓање е непознат, во џинс, дуксер и патики, можел да биде само еден од 1.667 студенти на прва година.
Но, секако, тој не е тоа. Тој е пример за потенцијал кој се крие дури и во места на целосна безнадежност, но и отрезнувачки потсетник колку ретко одиме на такви места.
Во својата 13 година кога избегал од сметот кој му бил дом, покрај врвните академски резултати, Увајусу постигнал многу други успеси. Како студент во Руанда, учел англиски, француски, свахили и лингала. Бил задолжен за програм за туторство во своето средно училиште. И помогнал да се основа младинска хуманитарна организација која се проширила и во другите средни училишта во земјата, а обезбедувала здравствено осигурување на сиромашните студенти и давала медицинска помош и помош во учењето. Увајусу бил воодушевен од американскиот начин на живот.
– Пробав јастог, тоа беше голема борба – рекол тој. – Мораш баш да се потрудиш да дојдеш до месото. А вкусот: – Не сум сигурен дали ми се допаѓа – рекол тој.
Увајусу доаѓа од земја во која доминираат две етнички групи, мнозинската Хуту и Тутси, кои масовно настрадаа во судирите во 1994 година. Тој вели дека е воодушевен од харвардската мешавина на националностите и животните стилови. Бил пријатно изненаден од ноншалантното прифаќање на декларираните геј студенти. – Тоа е нешто незамисливо во Руанда – и вознемирен е што гледа бездомници како питачат во држава која е толку богата да не можете да распознаете кој е богат, а кој не е.
Вели дека неговите цимери, кои по потекло се од Конектикат, Хаваи и други места, му помогнале да се прилагоди на животот во Бостон. Но, тој се уште се обидува да ја сфати американската култура, која е многу брза и поагресивна од неговата татковина.
– Луѓето напорно работат за се – вели тој. – Работат брзо и брзо се движат. Ти ја кажуваат вистината; ти ги раскажуваат нивните искуства. Во Руанда поинаку разговараме со возрасните. Не викаме. Не сме дрски. Но тука размислувате независно.
Роден во рурална средина во источна Руанда, Увајусу имал само три години кога неговите родители, двајцата неписмени фармери, загинале во политички мотивираниот геноцид во кој настрадаа 800.000 луѓе во 100 дена. Работниците на Црвениот крст го спасиле него и неговиот брат и двете сестри, а се грижеле за нив до 1998 година, кога поради се поголемиот број на сирачиња биле принудени да ги вратат во нивното село.
Стигнале во момент кога сушата и гладот ја погодила нивната провинција. – Бев потхранет – рекол Увајусу. – Брат ми рече: одам да најдам храна и тогаш се врати без храна. Имаше периоди кога ништо не јадевме по цели денови.
Во 2000 година младиот Јустус и неговиот брат тргнале пешки во Кигала, главен град на Руанда со околу милион жители, да бараат храна и помош. Завршиле во Рувира, голема депонија на крајот на градот, на која живееле стотици сирачиња и крдо свињи.
Јустус нашол место за преспивање со уште две деца во напуштен автомобил, со скршени прозорци и под покриен со картон. Следната година ипол само барал храна и место за преживување. – Не се капеле, ниту се туширале – вели тој. – Единствено беше важно да се најде нешто да се згрееме во текот на ноќите.
Научил брзо да ги забележува камионите кои од хотелите и фурните донесувале отпадоци и да скокне да зграби нешто за себе пред да го истоварат својот товар на другите сирачиња.
Тие денови немаше ништо за јадење, камионите не доаѓаа во недела, поголемите деца земаа најубави парчиња што можат да се изедат од сметот, ќе соберев храна и фрлени конзерви и ги чував под запалениот смет за да ја затоплам – вели Увајусу.
Увајусу раскажал дека еднаш се повредил, паднал од еден камион за смет во движење; и еднаш за малку жив ќе бил закопан од еден булдожер кој буткал смет во дупка.
Со само 9 години, ги поминувал ноќите во страв дека ќе го нападне тигар за кој се зборувало дека оди по депонии (во Африка нема тигри). Преку ден, питачејќи по улиците, гледал свет кој му се чинел многу далечен. – На пладне, децата се враќаа од училиште во униформи, трчајќи и играјќи на улиците. Понекогаш ме нарекуваа најибобо, што буквално значи заборавено дете. Знаеја колку ние се разликуваме од нив.
– Тоа беа навистина мачни времиња, бидејќи не можев да видам иднина – рече тој. – Не можев да видам како животот би бил подобар, или како да се извлечам од тоа.
По една чиста случајност, хуманитарката Ефионг го спасила детето.
Хуманитарната организација која ја основала Ефионг, во местото Њу Рошел, Естерс Аид, одлучила во 2000 година да помогне на голем број сирачиња во Руанда. Една недела во 2001 година, откако доставиле контејнер со храна и облека, земала такси до депонијата, ја видела групата сирачиња и по разговорот со нив, им понудила да ги однесе на безбедно место.
Сите одбиле, освен Јустус.
– Го однесов во своето сместување, го искапев и му дадов облека, му ги преврзав раните на телото и подоцна го пратив во основно училиште – рече таа.
Првото одделение го заврши како еден од најдобрите ученици. Тоа беше показател какви оценки ќе добива понатаму: сите петки во средното училиште, а потоа доби место во вишото средно училиште.
Увајусу се доселил во сиропиталиште кое го водела хуманитарната организација Естерс Аид, со две сестри, во комплекс во кој живее Ефионг кога е во Кигали. Во текот на школувањето, работел во оваа хуманитарна организација, која подоцна отворила училиште за готвење за девојчиња и која моментално гради кампус за сирачиња.
– Мојот живот се промени поради неа – рече тој.
Немаше да успеам да се пријавам за место на американскиот универзитет без помош. По средното училиште, се пријавил и добил место во едногодишната програма Бриџ2Руанда, која ја водела американската хуманитарна организација од местото Литл Рок, која ги подготвува талентираните студенти за процес за пријавување на кандидати од Африка.
Како повеќето водечки универзитети, Харвард ги бира студентите на прва година без оглед дали се способни да платат школарина. Но се до оваа година, кампусот во Кембриџ имаше само една студентка од Руанда, Џулиет Мусабејузу.
Тоа повеќе не е случај. Од 25 кандидати од Африка кои успеале да се запишат оваа година, тројца се од Руанда, вклучувајќи уште еден кој претходно поминал низ програмата Бриџ2Руанда. Не е лошо за мала земја во која живее едвај еден отсто африканско население, кое вкупно брои преку милијарда.