Б92 – Белград
Смртта на лидерот на Куба и иконата на Револуцијата Фидел Кастро не донесе големи промени во земјата, но Кубанците со загриженост гледаат во иднината.
Неколку месеци откако „Ел Команданте” физички ги напушти своите сонародници, на прв поглед се забележува дека главниот град на Куба, Хавана, е опседнат со многу странци кои побрзаа во оваа карипска земја да „го фатат последниот воз” да се запознаат со единствениот народ, нивниот начин на живот, културата и наследството.
Многу од нив побрзаа бидејќи сметаат дека Куба во идниот период ја очекува брзо вклучување во глобалните текови и губењето на автентичноста.
Самите Кубанци пак се загрижени за нешто друго.
– По смртта на Фидел Кастро ништо значајно не се промени, но очекуваме промена по истекот на мандатот на неговиот брат Раул Кастро во 2018 година. Меѓутоа, прашањето не е кој ќе го замени Раул на местото претседател на државата, загрижени сме поради други фактори и ако промената навлезе во наследството на Револуцијата и слободата на кубанскиот народ, може да настане хаос, вели Кубанката Кристина.
Таа е вработена во државна служба, но не открива точно со што се занимава. Една е од ретките кои ги запознав во Хавана, која добро го зборува англискиот јазик. Објаснува дека тој јазик не го учела во училиштето, туку го совладала во тек на соработка со Американците кои доаѓале на Куба во 70-тите години од минатиот век.
– Неколку години по ред групи од по околу сто Американци доаѓаа да работат со нас, објаснува таа.
За сегашните односи на Куба со САД и Русија кратко вели: „Ќе видиме”.
Како живеат Кубанците
И додека одговорите на Кристина за иднината беа кратки и со грч на лицето, за животот на својот народ зборува многу по опширно.
– Платите и пензиите тука се мали, 30 долари, но државата обезбедува се, наведе таа. – Намирниците и потребните работи за домот ги добивате од државата, образованието е бесплатно, здравственото осигурување исто така. Буквално се е бесплатно, дури и естетските операции. Во образованието многу се инвестира и системот е таков што редовно ги тестираат способностите на учениците и студентите и тие се насочуваат на струки кои најмногу им одговараат. По завршување на образованието, средно или високо, државата обезбедува пракса и вработување на сите кои добро ќе се покажат на тестовите, потенцира Кристина и додава дека постојат и случаи кога луѓе не сакаат да работат и живеат од социјална помош.
– Државата и ним им обезбедува се, но тие едноставно не сакаат да работат. Уживаат во пороците, за кои не знам од каде наоѓаат пари. Но, такви постојат насекаде во светот, вели таа.
Од други дознавам дека Кубанците за дополнителни приходи се „снаоѓаат” на разни начини. Освен што ги издаваат куќите и становите на странци, ги рентаат и автомобилите и возат такси низ градот, има и такви кои крадат од фабриките, продавниците и хотелите па потоа тоа го препродаваат. Полицајците поради тоа имаат многу работа и можете да ги сретнете речиси на секој чекор во кубанскиот главен град.
Медиумите и интернетот
– Сите медиуми на Куба се државни, вели соговорничката од Куба и додава дека секогаш може да се најдат и алтернативни начини на информирање.
Вели дека многу Кубанци сега имаат сателитски антени и ги следат странските програми, тоа не е забрането.
– Постојат осум државни телевизиски канали. Меѓу информативните и забавните, постојат два кои се образовни канали. Со тие канали може да се научи се, ако од некоја причина сте спречени да одите редовно на училишна настава, објаснува таа и посебно истакна дека реалните шоуа и комерцијалните програни се строго забранети. – Единствените реклами кои се дозволени се од едукативно-информативен карактер, за безбедноста во сообраќајот, кога водата мора да се вире пред пиење и слично, додава Кристина.
Кога станува збор за интернетот, вели дека Куба многу подобро е покриена од што мислат странците. – Тие мислат дека ние не знаеме што е интернет, но покриени сме подобро од што мислат, вели таа.
Сепак, иако постојат места (некои паркови и сите хотели) на кои може да се сурфа се на интернет со пишување на шифра од картичка која чини од евро и половина до 10 евра и се користи еден час, на Куба цвета бизнисот со „препродажба на интернет содржини” на УСБ.
– Луѓето бараат се, странски филмови, серии, музика, дури и реални шоуа, вели шептејќи Кристина.
Можеби промените веќе навлегоа низ кубанскиот прозорец.