Гласачите во Нов Зеланд се изјаснија против менување на сегашното државно знаме на земјата, јавија медиумите во Окланд, повикувајќи се на првичните резултати од вчерашниот референдум.
На прашањето дали знамето на кое во горниот лев агол се наоѓа британскиот „Јунион Џек“ треба да се замени со ново, 56,6 отсто од гласачите се изјасниле против. За промена на знамето со новодизајнираниот „сребрен папрат“, гласале 43,1 отсто од Новозеланѓаните.
На гласањето за овој референдум излегле нешто над два милиони гласачи.
Премиерот Џон Ки, кој водеше кампања за промена на државното знаме со ново, изрази разочарување од ваквиот исход на референдумот, но изјави дека ќе го почитува изборот на гласачите.
Ки ја почна кампањата за новото знаме уште во 2014 година, тврдејќи дека е време Нов Зеланд да се откаже од сегашното знаме, кое според него потсетува на времето кога земјата била британска колонија, како и дека новозеландското знаме е мошне слично со австралиското.
Во декември беше организиран првиот референдум на кој гласачите се определуваа за еден од петте предлози за новото знаме.
Изборот падна на знамето наречено „Сребрениот папрат“ на кое доминира сребрениот папрат на црно-сина основа на која се сместени и четири ѕвезди.
Сината боја, иако различна од сегашната и ѕвездите требаше да бидат единствената врска со сегашното знема.
Конечните резултати од референдумот ќе бидат соопштени за една недела.