Новоизбраниот претседател на Мексико Мануел Лопез Обрадор не побара полициско обезбедување и на средбата со досегашниот претседател Енрике Пена Нието замина во обичен автомобил, со спуштени прозорци, опкружен само од сниматели кои го следеа на мотоцикли.
За време на возењето, Обрадор дури направи и кусо интервју со еден од новинарите што го следеа.
– Народот ќе ме заштити, изјави левичарскиот популист на прашањето зошто се движи без полициска заштита.
Обрадор ја презема должноста на 1 декември, откако убедливо победи на изборите што се одржаа в неделата. Претходно тој двапати губеше на претседателските избори.
Над стотина политичари и политички активисти беа убиени во изминатата изборна година во Мексико.