Компаниите во Велика Британија и Европската унија ќе се соочат со дополнителни 58 милијарди фунти трошоци годишно доколку нема договор за Брегзит.
Најпогодена индустрија ќе биде големиот британски финансиски сектор, покажаа резултатите на една студија објавени денеска.
– Царинските и нецаринските бариери ќе ги чинат фирмите во 27 земји на ЕУ, без Велика Британија, 31 милијарда фунти годишно ако Обединетото Кралство го напушти блокот без договор, се наведува во извештај на агенцијата за менаџмент консалтинг „Оливер Вајман“ и адвокатската компанија „Клифорд Ченс“.
Од друга страна, сметката што ќе платат британските извозници во ЕУ ќе достигне 27 милијарди фунти годишно.
– Овие зголемени трошоци и неизвесности и се закнуваат на профитабилноста и претставуваат егзистенцијална закана за некои фирми, се наведува во извештајот.
Велика Британија би требало да ја напушти ЕУ следната година, откако во јуни 2016 година гласаше за крај на повеќе од 40 години долгата политичка, економска и правна поврзаност со најголемиот светски трговски блок.
Во отсуство на договор за Брегзит, трговијата меѓу Велика Британија и останатите 27 членки на ЕУ би подразбирала примена на правила и царини на Светската трговска организација, што е сосема спротивно на пристапот кој Обединетото Кралство го имаше како членка на единствениот пазар.
Иако Велика Британија сака договор, Владата во Лондон наведува дека се подготвува за секој можен исход, вклучувајќи ја и опцијата земјата да излезе од блокот без договор. Британија затоа издвои три милијарди фунти со цел да се подготви за сите евентуалности.
Денешниот извештај покажа дека 70 отсто од дополнителните трошоци во Велика Британија, во случај да нема договор за Брегзит, би се поделиле на пет сектори: финансиски услуги, автомобилска индустрија, земјоделство и храна и пијалок, производи за широка потрошувачка, како и хемиска и индустрија за пластика.