Британската премиерка, Тереза Меј ќе се сретне со шефот на европскиот преговарачки тим, Мишел Барние в понеделник во Стразбур, јави дописничката на МИА од Брисел.
Помалку од два месеца до крајниот датум за излез на Обединетото Кралство од ЕУ, предвидено на 29 март, и во отсуство на напредок во преговорите меѓу двете страни, британската премиерка ќе се сретне со Мишел Барние на 11 февруари во Стразбур. Истиот ден Барние треба да оствари средба со неговиот британски колега, Стивен Баркли.
Потоа, кон крајот на овој месец, Меј повторно ќе се сретне со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, иако сѐ уште не се соопштува точен датум.
Откако британскиот Парламент го отфрли договорот за Брегзит, преговорите се во ќор-сокак а шансите за Брегзит без договор се сѐ поголеми.
Меј и Јункер се сретнаа на 6 февруари во Брисел, но ЕУ и натаму одбива повторно да ги отвори преговорите за ирската граница и бекстопот, најголемиот камен на сопнување меѓу двете страни.
По средбата, британската премиерка и шефот на ЕК се договорија да продолжат да бараат решение и покрај разликите, кое ќе го задоволи британскиот парламент, а истовремено ќе ги почитува условите поставени од страна на земјите членки на ЕУ.
Иако земјите членки повторуваат дека не може да се отвора повторно досието, сите стравуваат од неизвесноста на Брегзит без договор.
Меј бара правно обврзувачки измени за решението за ирската граница и бекстопот. Бекстопот е гаранцијата која ја бараат европските земји за избегнување на физичка граница во Ирска сѐ додека не се постигне договор за идното партнерство на ЕУ и Лондон. Меѓутоа, голем број британски пратеници сметаат дека бекстопот како што е предложен де факто значи останување во ЕУ и усогласување со сите правила на внатрешниот пазар и царинската унија, што би и оневозможило на Британија да склучува трговски договори со трети земји самостојно.
ЕУ од своја страна сака да избегне ризици за својот внатрешен пазар со оглед на тоа дека во Ирска не смее да се појави физичка граница, а истовремено треба да се заштитат стандардите на европскиот пазар.