Нови борби изутринава избувнаа во реонот на аеродормот во Карачи, само 24 часови по претходниот напад, извршен врз ВИП терминалот и врз терминалот за товар.
Според локалните медиуми, денешниот напад е насочен врз кампот за обука на безбедносните сили на аеродромот, кој е најголем во Пакистан. Засега нема официјална потврда за тоа кој стои зад овој напад, а нема информации и за тоа дали има убиени и ранети.
Очевидци изјавиле дека врз кампот за обука биле испукани неколку гранати од возила со исламистички бунтовници, по што се развила битка.
Во претходниот напад, за што одговорноста ја презедоа пакистанските талибанци, загинаа и беа убиени најмалку 38 лица, вклучувајќи ги и сите десетмина напаѓачи. Бројот на жртвите се зголеми во текот на ноќта, откако безбедносните сили открија уште десетина измасакрирани тела во делови од аеродромот.
Аеродромот што вчера доцна попладне беше отворен за сообраќај, сега е повторно затворен.
Новиот напад врз аеродромот во Карачи доаѓа по соопштението на пакистанската војска дека во раните утрински часови е извршен воздушен напад врз позициите на ислмстичките милитантни групи во реонот на северозападен Кајбер, при што се убиени најмалку 15 милитанти.