Нови апсења во Турција за наместени натпревари, меѓу приведените е и поранешниот потпретседател на Галатасарај

Од:

Турскиот фудбал е потресен од еден од најголемите скандали во последните години, откако канцеларијата на обвинителството во Истанбул објави дека вкупно 24 лица се приведени во истрага за местење натпревари и нелегално обложување. Меѓу уапсените беше и Ерден Тимур, поранешен потпретседател на Галатасарај.

Покрај Тимур, лисици му беа ставени и на Фатих Кулаксиз, потпретседател на Ејупспор, како и функционер на Турската фудбалска федерација. Според канцеларијата на обвинителството, издадени се вкупно 29 налози за апсење, а истрагата вклучува играчи, клупски службеници и луѓе од системот на федерацијата.

Особено загрижувачки се наводите дека дури 14 налози се однесуваат на фудбалери осомничени дека се обложувале на порази на сопствените тимови. Шестемина играчи се обвинети дека, покрај обложувањето, директно влијаеле врз исходот од натпреварот помеѓу Касимпаша и Самсунспор, одигран во октомври 2024 година.

Ова е трет бран апсења во истата истрага, која го потресува турскиот фудбал со месеци. Уште во ноември, Турската фудбалска федерација беше принудена да суспендира дури 150 судии, додека речиси илјада играчи беа исклучени од натпреварувањето. Меѓу нив се 25 играчи од првата лига, додека останатите играа во втората, третата и четвртата лига.

Истрагата е сè уште во тек, а турските власти објавија дека никој нема да биде поштеден доколку се утврди дека учествувал во кршење на интегритетот на натпреварувањето. Скандалот се заканува да има долгорочни последици за угледот на турскиот фудбал, како на домашен, така и на меѓународен план.

Би можело да ве интересира

Фидан: Турција се противи на насилство врз Иран, дијалогот е единствениот пат

Светот e загрижен поради создавањето на нов воен пакт

Објавена фотографија од апсењето на Мадуро, не е утврдено дали е автентична

ВИДЕО: Детали за киднапирањето на Николас Мадуро, заврши во притвор во САД

Летовите се откажани, а наставата е прекината во неколку провинции во Турција поради лоши временски услови

Седум полицајци повредени во антитерористичка операција во Турција