Меѓународната терористичка мрежа Ал Каеда усвои нова стратегија, што подразбира подметнување шумски пожари во Европа, изјави денеска во Москва директорот на Федералната служба за безбедност на Русија Александар Бортников на отвореното советување на шефови на специјалните служби, безбедносните органи и на агенциите за обезбедување.
Бортников, исто така, нагласи дека поранешни борци од Кавказ, кои се населиле во Европа, финансираат екстремистички структури во Русија. Според него има постојана тенденција за поврзаност на поранешни борци со организираниот криминал.
Целта е да се обезбеди финансирање на екстремистички и терористички организации. Основите форми на „кооперација“ се нарко-бизнисот, трговијата со оружје, киднапирања и измами во финансиско-кредитниот сектор, истакна Бортников.