Поглаварот на Римокатоличката црква папа Франсис, го повлече својот дипломатски претставник од Доминиканската Република, Жозеф Весоловски, поради обвиненија за педофилија.
Очигледно е дека се работи за нов сексуален скандал во Католичката црква, затоа што и ректорот на Католичкиот Универзитет во Санта Доминго и портпаролот на црквата во Доминиканската Република, монсињор Агрипино Нунез Коладо, веќе потврдија дека Весоловски е вплеткан во секс со малолетници.
-Ова е вистински срам и болка за сите нас во Католичката црква. За мене лично ова е големо изненадување и никогаш не би очекувал дека висок претставник на „Светиот Стол“ ќе биде вмешан во вакво нешто – изјави Коладо, пренесе „Утрински лист“.
Државниот обвинител на Доминиканската Република, Франциско Домингез Брито, потврди дека во тек е истрага.
– Овде се соочуваме со нашето национално законодавство, но и со меѓународните закони, со оглед дека се работи за лице со дипломатски статус-појасни тој.
Во Ватикан ја потврдија информацијата за повлекување на Весоловски, без при тоа да ја коментираат новата афера.
Познато е дека папа Франсис, е поборник за нулта толеранција кон педофилите во црквените редови, а осомничениот е најголемото ватиканско официјално лице кое што во последно време е обвинето за педофилија.
Елена Георгиевска