Норвешка во знак на солидарност го зголемува својот контингент во НАТО силите во Литванија

Од:

Норвешка планира да го зголеми своето присуство во составот на НАТО силите во Литванија, соопшти норвешкиот министер за одбрана Од Рогер Еноксен.

– Сакаме да придонесеме за зајакнување на присуството на сојузничките сили на Балтикот и да покажеме солидарност со нашите партнери на источното крило. Од наша страна, тоа најдобро може да се направи со зајакнување на контингентот што веќе го имаме во Литванија, рече тој, прецизирајќи дека станува збор за дополнителни 50-60 војници.

Министерот истакна дека војниците веднаш ќе заминат за Литванија. Нивниот престој таму ќе трае околу три месеци. Тој нагласи дека „ова пред сè е сигнал за солидарност со партнерите на Норвешка“. Еноксен посочи и дека Норвешка нема да достави воена поддршка на Украина.

Норвешката министерка за надворешни работи Аникен Хојтфелд потсети дека минатата недела властите ги советувале норвешките граѓани во Украина да ја напуштат земјата. Сепак, рече таа, норвешката дипломатска мисија во Украина ќе продолжи со својата работа.

– Нашата цел е да ја одржиме амбасадата отворена во ситуација која може да биде напната, рече таа.

Од 2017 година, комбиниран баталјон на НАТО е стациониран во Литванија, со 1.200 војници од неколку земји, од кои околу половина се војници на Бундесверот. Хаген Рупелт, командант на баталјонот на НАТО, во јануари изјави дека може да се зголеми од 1.200 на 1.500 војници.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

НАТО соопшти за што разговарале Руте и Трамп

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО

Масовниот убиец Брејвик не е ментално болен, тврдат норвешките психолози и психијатри

Трамп го номинираше Метју Витакер за американски амбасадор во НАТО

Мицкоски: Немавме никаква дилема да ја поддржиме Шекеринска, и се јавив уште вчера

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Малодушноста на ВМРО-ДПМНЕ блеска посилно од кога било