Норвешка планира на енергетските фирми да им понуди рекорден број блокови за истражување на нафта и гас на Арктикот во обид да продолжи со производството на фосилни горива, и покрај критиките од еколошките здруженија кои предупредуваат на еколошки ризици, пренесуваат британските медиуми.
Како најголем снабдувач на гас во Европа и најголем извозник на сурова нафта, Норвешка предлага да им понуди на фирмите 78 блока во Баренцовото Море, што е најголем број од почетокот на програмата за лиценцирање (АПА) во 2003 година.
Осло, исто така, планира да понуди 14 нови блокови во Норвешкото Море, со што вкупниот број на блокови наменети за истражување ќе се зголеми на 92.
-Овозможувањето нови откритија на северот е важно за Европа, земјата и регионот, изјави денеска норвешкиот министер за нафта и енергија Терје Осланд.
Норвешка продолжува да го засилува производството на нафта и гас, додека енергетските фирми се под голем притисок.
Од една страна има поголема потреба од производство на јаглеводороди кои не се од Русија, а од друга страна мора да се земат предвид ефектите врз климатските промени.
Според официјалните проценки, Баренцовото Море содржи две третини нафта и гас што допрва треба да се истражат. Меѓутоа, активистите на Гринпис предупредуваат дека водите во близина на Арктикот се извор на храна за многу видови, од зоопланктоните до поларните мечки и китови.
„Владата води политика која е непријател на природата и климата“, се наведува во соопштението на „Гринпис Норвешка“.
Површината на арктичката ледена покривка се намалува со текот на годините како резултат на климатските промени.
Извор: МИА