Бизнисот на претседателот Доналд Трамп од 1985 до 1994 година претрпел загуби во износ од 1,17 милијарди долари и поради нив во текот на осум години е избегната уплата на данок на доход во висина од стотина милиони долари, дознава „Њујорк Тајмс“.
Во текот на предизборната кампања и потоа, откако беше избран за претседател, Трамп се фалеше дека бил успешен биснисмен со способност да склучува поволни зделки, но извештајот на весникот укажува дека тое е лага, утврдуваат од демократската опозиција. Трамп исто така укажуваше дека го познава даночниот систем на САД и дека е законопослушен граѓанин.
Од анализата на „Њујорк Тајмс“ во достапните даночни документи од Даночната управа на САД (ИРС) се дознава дека ниту еден даночен обврзник со високи примања досега не признал толку големи загуби.
-Врховен измамник, и неплаќач на данок со загуби од над една милијарда долари, објави синоќа „Си-Ен-Ен“ во врска со наодите на весникот.
Од објавениот извештај се дознава дека загубите се главно од основниот бизнис на Трамп – казино, хотели и комерцијални недвижности во станбени згради. Според весникот, загубите се поради „проблематични зделки“.
Сепак, во материјалите што „Њујорк Тајмс“ ги доби од неименуван извор од ИРС, нема информации за последните шест години, она што го бараат демократите за да се утврди дали бизнисот на Трамп бил финансиран од странски извори и каде оделе парите.
Демократите од Претставничкиот дом побараа од ИРС, во надлежност на Министерството за финансии, да предаде даночни декларации за бизнисот на Трамп од изминатите шест години. Комитетот за буџет при долниот дом на Конгресот такво барање испрати уште на почетокот на април, но се уште не е исполнето со објаснување од страна на министерот за финансии Стивен Мнучин, дека за тоа „немало законска основа“.
Самиот претседател, пак, повеќепати досега во изминатите три години тврдеше дека има намера да објави информации за даноците но дека тоа засега е невозможно „бидејќи компаниите се под ревизија“.