Нигериската војска упаднала во разузнавачка ќелија на исламистичката група Боко Харам, за која се верува дека е поврзана со грабнувањето на повеќе од 200 девојчиња, а лидерот на ќелијата е уапсен, соопштија денеска властите во Абуџа.
Во соопштението на нигериската војска се наведува дека лидерот на ќелијата Бабуџи Јари е уапсен и се истакнува дека токму тој бил „активно вклучен во грабнувањето на девојчињата, како и во убиството на традиционалниот лидер, емирот од Гвоза“.
„Јари бил бизнисмен, кој активно учествувал во грабнувањето на ученичките во северниот град Чибока“, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана, што го пренесува Би-Би-Си.
Во соопштението се наведува и дека Јари со работата во една цивилна група го прикривал шпионирањето за екстремистите. Групата сама се организирала за да се одбрани од припадниците на исламистичката организација Боко Харам. Тој е осомничен и дека „го координирал изведувањето на неколку смртоносни напади во главниот град на државата Борно, Маидугурија“.
Војската соопшти дека во акцијата е уапсена и една жена од ќелијата.
Тврдењата на нигериската војска засега не е можно независно да се проверат, наведува Би-Би-Си.
Повеќе од 2.000 лица се убиени од почетокот на годината во напади за кои Боко Харам ја презеде одговорноста.
Екстремистите од оваа исламистичка организација на 14 април грабнаа повеќе од 200 девојчиња од училиште во државата Борно, а најголем број од грабнатите и натаму се водат како исчезнати. Групата во повеќе наврати предупреди дека нема да ги ослободи девојчињата се додека властите во Абуџа не ги ослободат сите затворени екстремисти. Властите тврдат дека знаат каде се наоѓаат грабнатите девојчиња, но сметаат дека обидите за нивно ослободување може да доведат до нивно убивање.