Сега веќе поранешниот нигериски претседател Џонатан Гудлак, пред истекот на неговиот мандат издаде уредба со која гениталното обрежување на жените се прогласува за кривично дело во Нигерија, објави весникот „Интереншанл Бизнис Тајмс“.
Според проценките на Детскиот фонд на ОН, околу 19,9 милиони девојчиња во Нигерија досега биле подложени на ритуално засекување на гениталиите.
Ваквата уредба беше поздравена од организациите за човекови права, кои сметаат дека таа претставува пресвртница во односот кон женските деца во Нигерија и дека може да ги поттикне и останатите африкански земји на сличен чекор.
– Со одлуката на Нигерија гениталното осакатување да го стави надвор од законот се испраќа силен сигнал не само во земјата, туку и во цела Африка, изјави директорот на Африканскиот центар при Атлантскиот совет, Питер Фам.
Тој нагласи дека Нигерија има една од најголемите стапки на обрежување на девојчињата во светот и затоа не треба да се потцени влијанието што ваквата одлука ќе го има врз останатите земји во Африка.
Според едно истражување на УНИЦЕФ, во 2013 година ширум светот биле обрежени над 125 милиони девојчиња.
Мандатот на Гудлак истече во петокот.