Силно невреме проследено со поројни дождови и бурни налети на ветер вчера зафати поголем дел од Словенија, предизвикувајќи поплави, оштетувања на објекти и десетици интервенции на спасувачките служби.
Најпогодено е подрачјето на Крањ, каде што до раните утрински часови биле регистрирани 33 интервенции. Обилните врнежи поплавиле куќи, подруми и деловни објекти, додека силниот ветер откорнал дрвја и оштетил покриви на повеќе згради.
Невремето во текот на ноќта се придвижило кон регионот Горно Посочје, откако над северна Италија се формирал силен атмосферски систем кој продолжил да се движи кон југоисток. Во словенечкото Приморје ветерот останал силен и во текот на ноќта, а невремето потоа се насочило кон хрватска Истра.
Според словенечката Управа за цивилна заштита и спасување, најмногу проблеми биле пријавени во регионот Горењска. Освен во Крањ, интервенции имало и во општините Горења Вас-Пољане и Накло. Невремето не ја одминало ниту Корошка, каде што биле регистрирани повеќе инциденти во Словењ Градец, Дравоград, Мислиња и Превале.
Спасувачките и противпожарните екипи биле ангажирани и во североисточниот дел на земјата, особено во Подравскиот регион и Штаерска. Таму пожарникарите испумпувале вода од поплавените објекти, обезбедувале оштетени покривни конструкции и расчистувале паднати дрвја од патиштата.
И покрај значителната материјална штета, според досегашните информации нема пријави за повредени лица.
Метеоролозите предупредуваат дека опасноста сè уште не е мината. Според прогнозите, во текот на денот и вечерта се можни нови бури, локално проследени со интензивни врнежи, силен ветер и град, поради што надлежните служби остануваат во состојба на зголемена подготвеност.
