Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави во Њујорк дека Иран со нуклеарно оружје е поголема закана за светот од џихадистите на Исламска држава (ИД).
Во говорот на Генералното заседание на ОН, Нетанјаху рече дека да се порази ИД, а при тоа да се игнорира Иран, би било како да се „добие битката, а да се загуби војната“. Тој го предупреди Западот да не се поведува по „офанзивата за шармирање“ што ја спроведува иранскиот претседател Хасан Рохани.
Израелскиот премиер не му верува на Техеран и кога станува збир за ИД и за офанзивата на нејзините џихадисти во Ирак и во Сирија, инсистирајќи дека и иранските лидери биле ангажирани во „терористичка кампања“.
Израел повеќепати досега го повика Западот да не прави отстапки кон Иран околу неговата контроверзна нуклеарна програма, а остро се противи на вклучувањето на Техеран во меѓународните напори за уништување на Исламска држава.
Во своето излагање во ОН, премиерот Нетанијаху се спротивстви на тоа политичките лидери во светот да му судат на Израел за војната против Хамас, во Газа ова лето.
– Хамас и ИД се гранки на едно исто отровно дрво„-рече израелскиот премиер.
Изјавата на Нетанјаху доаѓа по обвинувањата што во ОН ги изрече палестинскиот претседател Махмуд Абас кој во својот говор,во петокот, рече дека Израел има извршено „геноцид“ во Газа.
Израелскиот премиер во својот говор возврати со обвинувањата дека „вистинските воени злосторства ги извршува токму Хамас“ кој користи деца како жив штит, во реоните каде се лоцирани неговите ракети со кои се напаѓа израелската територија.
– Израел ги користи ракетите за да ги одбрани своите деца,додека Хамас ги користи децата за да ги заштити своите ракети, рече Нетанијаху.
Израелскиот премиер изјави дека тој и неговата земја се за мир со Палестинците и ги повика арапските земји во регионот на соработка, истакнувајќи ги добрите односи што Израел веќе ги има со Египет и Јордан.