Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и се извини денеска на Турција за грешките, кои можеби довеле до смртта на деветмина турски активисти за време на нападот врз бродот „Мави Мармара“, соопшти неговиот кабинет.
Нетанјаху претходно денеска имаше телефонски разговор со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, инициран од американскиот претседател Барак Обама за време на посетата на Израел.
– Премиерот Нетанјаху му се извини на турскиот народ за евентуалната грешка, која можеби довела до загуба на животи и се согласил да ја исполни спогодбата за обесштетување, се наведува во соопштението.
Односите меѓу Израел и неговиот некогашен стратешки партнер Турција сериозно се затегнаа во 2010 година, кога израелските воени сили убија деветмина турски активисти при упад на “Мави Мармара“ во меѓународните води, додека бродот превезувал хуманитарна помош за Појасот Газа со намера да ја пробие израелската блокада.
Во соопштение на Белата куќа, само кусо пред Обама да полета од Тел Авив за Јордан, се наведува дека претседателот на САД изјавил дека Нетанјаху телефонски разговарал со неговиот турски колега.
– САД многу ја почитуваат тесната соработка, како со Израел, така и со Турција и му придаваат големо значење на обновувањето на добрите односи меѓу нив, што ќе придонесе за зајакнување на регионалниот мир и безбедност, нагласи Обама.
Тој изрази надеж дека разговорот меѓу двајцата лидери ќе придонесе за продлабочување на соработката по ова прашање и за серија други предизвици и можности.
Во соопштението не се посочуваат детали од разговорот меѓу двајцата премиери, што е првиот по инцидентот со „Мави Мармара“.
Инцидентот доведе до сериозно затегнување на односите меѓу Турција и Израел. Анкара сака Тел Авив официјално да и се извини за нападот врз бродот, да им плати отштета на семејствата на жртвите и да ја укине блокадата на Појасот Газа.