Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска и формално е обвинет за корупција, откако претходно го повлече барањето за парламентарен имунитет, пренесоа светските агенции.
Тој го повлече барањето за имунитет од судско гонење денеска, само неколку часа пред почетокот на парламентарната процедура, пренесоа американските медиуми.
Нетанјаху, кој се наоѓа во посета на Вашингтон пред објавувањето на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, во соопштение објавено на неговиот профил на Фејсбук напиша дека „одлучил оваа валкана игра да не продолжува“.
Израелскиот Парламент (Кнесетот) денеска треба да се договара за формирање комитет што ќе треба да го разгледа барањето на премиерот за имунитет од тужби.
Во ноември минатата година Нетанјаху во три одвоени случаи беше обвинет за измама, кршење на довербата и поткуп. Тој негира дека не направил ништо незаконско, наведуваат американските медиуми.
Партијата на Нетанјаху, Ликуд, планира да го бојкотира заседанието на Кнесетот.
„Во овој судбински час за народот на Израел, кога сум во САД на историска мисија за создавање постојани граници на Израел и осигурување на нашата безбедност во децениите што доаѓаат, Кнесетот треба да ја отвори новата изложба на циркус со укинување на имунитетот“, напиша тој на Фејсбук.
Нетанаху и Трамп денеска треба да се сретнат во Белата куќа и да се објави долго очекуваниот мировен план на американскиот претседател.
Повлекувањето на барањето за имунитет го отвора патот за судско гонење против премиерот, кој се подготвува за новите вонредни избори закажани за 2 март.