Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во видео обраќање изјави дека израелските сили денес ги нападнале иранските петрохемиски постројки.
– Откако уништивме 70 проценти од нивниот капацитет за производство на челик, кој се користи како суровина за оружјето што се користи против нас, денес ги нападнавме нивните петрохемиски постројки, рече Нетанјаху, според „Тајмс оф Израел“.
Во видео обраќање објавено кратко по завршувањето на еврејскиот Сабат, Нетанјаху рече дека Израел ќе продолжи силно да го таргетира Иран.
„Овие две работи ја претставуваат нивната машина за пари, која ја користат за финансирање на нивната терористичка војна против нас и против светот. Ќе продолжиме да ги таргетираме, како што ветив“, заклучи Нетанјаху.
Најмалку пет лица беа повредени во воздушните напади на израелските сили врз петрохемиска зона во југозападен Иран денес, објавија иранските медиуми.
Иранската новинска агенција Тасним објави дека утрово биле погодени неколку објекти во специјалната петрохемиска зона Махшар во покраината Хузестан.
Во извештајот се додава дека е оштетен и петрохемискиот комплекс Бандар Имам, кој работи во рамките на зоната.
Заменик-гувернерот на покраината Хузестан, Валиолах Хајати, за Фарс изјави дека три компании во областа биле погодени во нападите.
Хајати за Тасним изјави дека обемот на штетата сè уште не е утврден.
