Според чешкиот министер за здравство Сватоплук Њемечек, во земјата нема опасност од вирусната инфекција Зика, која прво се појави во Латинска Америка, јави дописникот на МИА од Прага.
– Би сакал да ја смирам чешката јавност, што се однесува на ризикот од пренесување на вирусот и тој практично е нула. Кај заболените тој не штети, проблемот е кај бремените жени каде е забележано дека делува на растот на мозокот, рече Њемечек.
Њемечек додаде дека во Чешка не постои комарецот кој ја пренесува болеста и препорача бремените жени да не патуваат во Латинска Америка.
Министерството за надворешни работи предупреди пред опасност за појава на вирусот во Бразил и Колумбија уште во декември минатата година.
Првите случаи во Европа на заразени од вирусот веќе објавија Данска, Шведска и Велика Британија, а заразени пациенти има во Латинска Америка.
Симптоми за вирусната инфекција се болест на главата, мускулите, зглобовите и зголемена температура и исфрлување на лицето. Период на инкубација е од три до 12 дена.