Неизвесност по изборната победа на Меркел: Во игра дури и нови избори

Од:

Германската канцеларка Ангела Меркел, која на изборите во неделата оствари историски успех и речиси апсолутна победа, се чини нема лесно да дојде до влада и коалициски партнер, па во морето шпекулации за нејзините патишта до канцеларската фотелја дури се споменуваат и нови избори.

– Ако Социјалдемократска партија на Германија (СПД) и Зелените, од партиско-тактички причини, не сакаат да ја преземат одговорноста за доброто на нашата земја, тогаш мора да дојде до нови избори, изјави демохристијанскиот пратеник во Бундестагот, Кристијан Хирте, со што ја поттикна темата за нови избори во постизборната атмосфера.

Како што наведуваат германските медиуми, во таква атмосфера за Меркел се зборува како за некој кој е на врвот на моќта, но кој мора да ја плати цената на коалицијата и на тој начин да го ослабне своето влијание коалицирајќи со социјалдемократите или со зелените.

Меркел засега децидно ги одбива таквите идеи за вонредни избори и веќе го состави „возниот ред“ за коалициските преговори, така што испитувањето на теренот почнува од понеделник, а коалициските преговори до 7 октомври.

Меркел со 311 пратеници на нејзиниот конзеравтивен блок, односно четири помалку од апсолутното мнозинство, е силна како никогаш досега, но не може сама да владее. На прашањето како ќе изгледа идната влада на Меркел, веќе се надѕира одговорот дека се оди во правец на „голема коалиција“ со социјалдемократите.

Аналитичарите, меѓутоа, оценуваат дека по денеска најавените оставки на раководството на  партијата на Зелените, посебно на Јирген Тритин, долгогогошниот политичар во врвот на партијата, која некогаш ја водеше поранешниот шеф на дипломатијата Јошка Фишер, постојат поголеми можности демохристијаните да коалицираат со зелените.

Едно е јасно – на Меркел и е потребен нов партнер, но и во редовите на СПД постои голема воздржаност. Еден од најсилните противници на коалицијата со Меркел е Ханелоре Крафт, влијзтелна социјалдемократска политичарка и шеф на владата на моќната покраина Северна Рајна – Вестфалија, во која живеат над 18 милиони луѓе.

Крафт, за која се зборува дека требаше да биде социјалдемократски кандидат за канцелар на местото на  неуспешниот Пер Штајнбрик, е најгласен противник на „голема  коалиција“ и смета дека ако сега остане во опозиција, нејзината партија може да биде најважен противник на Меркел и на нејзините политики.

Денешната анкета на  таблиодот „Билд“ покажува дека Германците посакуваат „голема коалиција“, каква што Меркел веќе еднаш предводеше во својот прв мандат. Околу 62 отсто од Германците се за „голема коалиција“, а 38 отсто се за сојуз на демохристијаните со партијата Зелени, покажува денешната анкета.

Според аналитичарите, за да ја „намами“ СПД во колаиција Меркел ќе мора да плати висока цена – дури и кога станува збор за бројот на министри.

Укажувајќи  дека моќта секогаш е прашање на влијание, аналитичарите наведуваат дека Меркел во овој случај мора да биде „широкаграда“, дури и повеќе отколку што некои во нејзината партија сакаат.

Нејзиниот потенцијален коалициски партнер СПД во неделата освои скромни 26 отсто гласови, додека нејзините демохристијани речиси 42 отсто, така што Меркел сега мора да реши по кој пат ќе тргне и како ќе соработува со својот неспоредливо помал и послаб партнер.

Аналитичарите предвидуваат два пата – Меркел може уште еднаш да го потцени СДП и пред сите да ја демонстрира слабоста на социјалдемократите и да им даде помалку министарски места отколку во нивната прва заедничка црно-црвена влада на „големата коалиција“ или, спротивно од тоа, да им понуди повеќе отколку што реално им следува. Оваа втора опција на „широкоградост“, која потсетува на слични примери од германската историја, според аналитичарите, може да предиазвика нездоволство во партиската база на демохристијаните, но и да создаде една стабилна влада на „големата коалиција“.

Би можело да ве интересира

Светската сила на работ на банкрот, лоши прогнози за животниот стандард во Германија

Порака од Германија: Сакаме да ја видиме Северна Македонија во ЕУ, сега е важно да се продолжи со уставните измени

Во Диселдорф експлодираше киоск, загинаа три лица, 16 се повредени

Горан Наумовски

Во Германија: Маж сексуално злоставувал девојче во двор на училиште

Германските тајни служби ќе можат да ја следат АфД за екстремистички активности

Горан Наумовски

Мистериозна смрт на девојче во Германија