НАТО е неподготвен за „руската закана“ од евентуален напад од Русија врз некоја од земјите членки на Северноатланската Алијанса,се вели во извештајот на Комисијата за одбрана на британскиот Парламент,што е денеска е објавен во Лондон.
Во анализата што е направена по украинската криза,се вели дека настаните во и околу Украина укажаа на „сериозните слабости“ во подготвеноста на НАТО да одговори на заканите. Во извештајот на британските парламентарци се посочени и неколку предлози за,како што се вели – „радикалната реформа“ на Алијансата.
Членовите на Комисијата оценуваат дека и понатаму е мошне ниска заканата од евентуален напад со конвенционално оружје,но се истакнуваат новите методи кои сега се појавуваат,како користењето на сајбер нападите и на нерегуларните вооружени милиции. Британската Комисија за одбрана сугерира обезбедување на континуирано присуство на силите на НАТО и на воена техника во „ранливите“ земји покрај руската граница,а пред се,во регионот на Балтикот.
Парламентарците сметаат дека во одредбите на членот 5 на спогодбата на Алијансата,според кој нападот врз една членка,покренува реакција на сите други земји-членки,да се внесат и заканите од сајбер нападите и од нерегуларни воени групи. Британските парламентарци сугерираат и „што е можно побрзо“ создавање на силите за брза реакција,како и редовно одржување на воени вежби.
– НАТО се однесува премногу самозадоволувачки,кога станува збор за заканите од Русија,па затоа е и лошо подготвен за да одговори на нив, се вели во извештаојот на Комисијата за одбрана при Парламентот на Велика Британија. Претставник на Алијансата во Брисел изјави дека заклучоците и предлозите на британските парламентарци ќе бидат „детално проанализирани“.