Наставничка во училиште во Санкт Петербург е повредена денес кога ученик ја нападна со нож, по што е хоспитализирана, објавија руските медиуми.
Во овој инцидент нема други повредени лица, а наставата во училиштето продолжила нормално, изјави на каналот Телеграм директорот на администрацијата на округот Красногвардејски, каде што се случи нападот.
Според регионалното Министерство за внатрешни работи, причината за нападот е лоша оценка што ја добил ученикот, објави Риа Новости.
Агенцијата претходно објави дека напаѓачот, ученик од деветто одделение, се обиде да се самоубие по инцидентот, но беше спречен од полицијата.
Отворена е истрага во врска со инцидентот, која ќе ги утврди сите околности.
По нападот Комитетот за образование на Санкт Петербург им наложи на директорите на образовните институции да ги зголемат безбедносните мерки во училиштата.
Во исто време, на центрите за психолошка и педагошка поддршка, како и за социјална работа, им беше препорачано да обрнат посебно внимание на превентивната работа со учениците и нивните семејства.
