Претседателот на руската Државна дума Сергеј Наришкин на Меѓународната конференција во Москва, посветена на 70-годишнината од победата на Црвената армија над нацистичка Германија, упати пофални зборови за чешкиот претседател Милош Земан, пренесоа чешките медиуми.
– Во Чешка имаат енергичен и искрен претседател, кој не се плаши да зборува ниту за прашања од историјата и не се плаши да ја брани вистината. Иако е критикуван од различни политички сили, тој е одговорен и чесен политичар, рече Наришкин кој се смета за еден од најблиските соработници на претседателот на Русија Владимир Путин.
Земан, покрај кипарскиот претседател Никос Анастасиадис ќе биде единствениот претседател на земја-членка на Европската унија кој ќе ја посети Москва на 8 и 9 мај. Поради политичкиот притисок во Чешка нема да присуствува на Свечената воена парада на Црвениот плоштад, но ќе положи венец на гробот на незнајниот јунак близу Кремљ, јави дописникот на МИА од Прага.
Останатите земји, покрај грчкиот и словачкиот премиер Алексис Ципрас и Роберт Фицо ќе бидат претставени од амбасадори.