Припадниците на радикалната исламистичка група Ал Шабаб од Сомалија денеска ја презедоа одговорноста за киднапирањето на автобус и убиството на 28 патници немуслимани во северниот дел на Кенија.
Автобусот сообраќал кон главниот град на Кенија, Најроби. Инцидентот се случил на 50 километри од градот Мандера.
Портпаролот на Ал Шабаб изјави дека нападот е извршен поради одмазда за поголемиот број рации кои изминатите недели припадниците на кениските безбедносни сили ги извршија во џамиите во пристаништето Момбаса.
Екстремистите од Ал Шабаб од Сомалија се поврзани со Ал Каеда и се одговорни за низа бомбашки напади во Кенија од октомври 2011 година, кога Најроби испрати свои војници во Сомалија.
Според кениските власти од октомври 2011 година досега Ал шабаб извршила 135 напади во Кенија, меѓу кои и нападот врз трговскиот центар Вестгејт, при што загинаа 67 луѓе.