Во напад на руски беспилотни летала врз Одеса загинаа две лица, а девет други беа повредени, меѓу кои и две деца на возраст од три и седум години, соопшти Одделот за комуникации на полицијата во областа Одеса.
Нападот предизвика пожар во станбена зграда со 21 кат, кој ги зафати седмиот, осмиот и деветтиот кат, објави Укринформ.
Покрај станбената зграда, оштетена беше и административна зграда, друга цивилна инфраструктура и неколку возила.
Пожарите беа изгаснати со интервенција на Државната служба за вонредни ситуации.
Полицијата и специјализираните служби продолжуваат да работат на терен, собирајќи докази, испрашувајќи граѓани, давајќи психолошка поддршка и обезбедувајќи ред и безбедност.
Истрагата за точниот број на жртви и обемот на штетата е во тек.