Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг потврди дека тројца британски државјани се убиени во нападот на трговскиот центар „Вестгејт мол“ во кенискиот главен град Најроби.
– Тројца британски државјани загинале во нападот во Најроби, а оваа бројка може да се зголеми, истакна Хејг.
Шефот на британската дипломатија одржува седница на владината кризна група во врска со вчерашниот напад во Најроби, во кој досега има најмалку 59 жртви, а околу 200 се повредени, според податоците на кениските власти.
Според Си-Ен-Ен исламистите екстремисти се уште држат околу 30 лица како заложници. Се претпоставува дека во зградата има меѓу 10 и 15 напаѓачи, припадници на групата Ал Шабаб.
Британски дипломатски персонал е испратен од Лондон во Најроби за давање конзуларна поддршка. Екипи од Адис Абеба, исто така, заминале во кенискиот главен град.