Најмалку десет пакистански деца, кои примиле трансфузија на крв, се позитивни на ХИВ вирусот, соопштија денеска официјални медицински лица, кои, патем, сметаат дека ова може да претставува само „врв на ледениот брег“.
Децата која боледувале од таласемија, анемија од наследен тип, редовно примале трансфузија на крв, соопшти професорката Јасмин Рашид, генерален секретар на Сојузот за таласемија на Пакистан, здружение на добротворни организации кои обезбедуваат трансфузија за 22.000 заболени деца.
Рашид изјави дека на нејзината организација и е кажано дека најмалку десет деца, кои биле тестирани минатата недела, се позитивни на ХИВ.
Таа не знаела колку деца досега се тестирани, пренесоа британските медиуми.
Законот бара крвта од донорот да биде проверена на болести, но тоа во пракса слабо се применува, изјави потпретседателот на пакистанскиот Институт за медицински науки Џавед Акрам.
– Повеќето професионални донори на крв се зависници од наркотици, рече Акрам.
– Мислам дека овие случаи веројатно се само врв на ледениот брег. Ова е скандал“, додаде тој.
На повеќето заболени деца секои две недели им се потребни траннсфузии на крв, со што се зголемува нивната изложеност на инфицирана крв, рече Акрам.
Според неговите сознанија, тестовите покажале дека 16 деца, кои примале трансфузија, се позитивни на ХИВ.
Министерството за здравство на Пакистан не било достапно за коментар, наведуваат британските медиуми.