Во судири меѓу демонстранти и полицијата во Мексико Сити повредени се најмалку 51 лице, соопшти Црвениот крст.
Судирите меѓу група демонстранти и полицијата го означи крајот на протестниот марш на неколку илјади луѓе во Мексико Сити, организиран во знак на сеќавање на убиството на над стотина студенти во 1968 година.
Црвениот крст соопшти дека најмалку 51 лице е повредено откако група демонстранти почнала да фрла со камња и молотови коктели врз полицијата, која одговорила со употреба на солзавец.
Градските власти за јавна безбедност соопштија дека се повредени 32 полицајци, додека се приведени најмалку 97 лица.
Меѓу повредените има и новинари, фотографи и камермани, кои биле на терен за време на протестите.
Демонстрантите излегоа на протестен марш барајќи правда за убиствата извршени 2 октомври 1968 година, кога армијата отвори оган врз неколку илјади студенти на плоштадот Три култури во Мексико Сити.