Најмалку 34 луѓе се убиени при вооружен напад во познатиот крајбрежен град Мпекетони во Кенија.
Околу 50 вооружени лица влегле синоќа во градот со два помали камиона, отвориле оган и запалиле два хотела, соопшто кениското Минитерство за внатрешни работи.
Инцидентот се случил додека локални жители гледале натпревар од Светското првенство во фудбал во баровите на двата хотела.
Шефот на полицијата Дејвид Кимајо нагласи дека вооружените лица нападнале, исто така, банка и се обиделе да преземат полициска станица, но биле спречени.
Црвениот крст соопшти дека има свои претставници на местото на инцидентот, кои информираат за 34 жртви, но предупреди дека нивниот број може да се зголеми.
Властите ја обвинија за нападот сомалиската група Аш Шабаб, која е поврзана со Ал Каеда.