Најмалку 20 џихадисти, припадници на групата Исламска држава (ИД), како и двајца припадници на сириската армија загинаа во втор неуспешен напад во изминатиот месец на една воздушна база во источниот дел на Сирија, соопшти денеска Сириската опсерваторија за човекови права.
Меѓу жртвите 19 се припадници на ИД од Сирија, а еден е Мароканец, пренесува Танјуг.
Џихадистите при повлекувањето успеале со себе да земат и неколку противавионски ракети, соопшти директорот на Сириската опсерваторија за човекови права Рами Абдел Рахман.
Воздушната база Деир Езор е едно од последните упоришта на сириската армија во источниот дел на земјата. Базата се наоѓа во близина на границата со Ирак, каде ИД контролира поголем дел од територијата.
Групата ИД се појави во текот на пролета 2013 година за време на сирискиот конфликт, а минатото лето во голем број налети освои значителни делови од Сирија и Ирак, прогласувајќи исламски калифат.