Најмалку 12 убиени студенти во напад на Ал Шабаб во Кенија

Од:

Најмалку 12 лица се убиени во вооружен напад што го изврши милитантната исламистичка група Ал Шабаб во кенискиот град Мандера.

Полицијата соопшти дека напаѓачите го извршиле нападот во текот на изминатата ноќ, користејќи експлозив во една куќа.

Сите жртви се членови од еден театар, составен од студенти кои дошле во Мандера да одиграат претстави на учениците во локалните училишта во градот и во оваа погранична провинција.

Во нападот се повредени пет лица, а други шестмина се уште се водат како исчезнати.

Убиените студенти се кениски христијани кои во последно време се често цел на напад на оваа исламистичка група, чии седиште е во Сомалија, но која навлегува во Кенија и извршува напади врз локалните христијани.

Групата во меѓувреме се огласи со свое соопштение преку една, нејзе блиска радио станица, преземајќи ја одговорноста за нападот и тврдејќи дека се убиени „15 Кенијци“.

Минатиот месец џихадистите од Ал Шабаб убија шестмина кениски христијани, со цел да се протераат „неверниците“ од „муслиманскиот регион“.

Регионот на Мандера е изложен на вооружени напади, затоа што границата со соседна Сомалија, во тој дел е слабо обезбедена. Жртви на нападите се главно цивили и христијани.

Во овој главно муслимански дел од Кенија христијаните се единствените факултетски образовани стручњаци, па без нив не може да се замисли работата на болниците и училиштата.

Ал Шабаб во Сомалија заговараше создавање на исламистичка држава, уредена според шеријатското право. Тој план на групата пропадна по интервенцијата на Африканската Унија во 2011 година, во која кениските војници се најбројни.

Оттогаш трае и засиленото непријателство на Ал Шабаб кон Кенија.

Би можело да ве интересира

Кенија: Масовни демонстрации во Најроби, запален дел од парламентот

Во Кенија се судрија патнички авион и авион за обука, има загинати

Горан Наумовски

ВИДЕО: Голема експлозија во Кенија, двајца мртви и над 220 повредени

Стотици мртви и исчезнати во Кенија: Се изгладнувале до смрт за да го видат Исус

Ана Ололовска

Страшно откритие во Кенија: На пронајдените тела им недостасуваат органи, повеќето од загинатите се деца

Откопани 110 членови на кенискиот култ за гладување: „Прво требаше да умрат децата“