Припадници на нигериската исламистичка група Боко Харам го извршија најкрваиот масакр во нејзината историја, срамнувајќи со земја еден град во Нигерија и убивајќи околу 2.000 лица, соопшти денеска организиацијата за заштита на човековите права „Амнести интернешанл“.
Во соопштението се наведува дека борбите во градот Бага, што се наоѓа во блзината на границата на Нигерија со Чад, траеле од средата до вчера. Според АИ, низ градот и натаму лежат стотици безживотни тела.
Портпарилот на нигериската Влада, Мајк Омери, ги потврди ваквите информации, додавајќи дека екстремистите на 3 јануари ја презеле блиската воена база, по што во средата започнале напади врз Бага со минофрлачки гранати.
Началникот на дистриктот во кој се наоѓа Бага, Баба Аба Хасан изјави дека најголемиот број од жртвите се деца, жени и постари лица, кои не успела да побегнат од градот кога во него навлегле екстремистите.
Тој додаде дека по минофрачките напади, припадниците на Боко Харам упаднале во градот и пукале врз цивилите.
Досега најкрвавиот напад припадниците на Боко Харам го извршија на 14 март минатата година во градот Мајдугури, кога убија над 600 лица.
Само во текот на минатата година, екстремистите на Боко Харам убија над 10.000 луѓе. Поради нападите на исламистите над милион луѓе ги напуштија своите домови. Околу еден милион од нив се со статус на внатрешно раселени лица во Нигерија, а стотина илјади побегнаа во Чад и Камерун.