Огромен вулкан, со површина приближна на Полска, е откриен на дното на Пацификот, околу 1.500 километри источно од брегот на Јапонија.
Во новото истражување, кое треба да биде објавено во журналот „Нејчр џиосаенс“, е наведено дека вулканот Таму Масиф е секако најголемиот на планетата, а можеби и во целиот Сончев систем, бидејќи може да се спореди со гигантските вулкани на Марс. Неговата површина, на пример, е 60 пати поголема од Мауна Лоа, кој досега се сметаше за најголем вулкан на планетата. Се проценува дека е стар 145 милиони години.
Таму Масоф беше откриен на длабочина од околу 2 километри, но досега се сметаше дека тоа е прстен од повеќе мали вулкани. Новите анализи, спроведени по подводни истражувања, потврдиле дека тоа е еден единствен вулкан.
– Не е висок, но е многу широк, со не толку стрмни падини – изјави Вилијам Сагер, професор на Универзитетот Хјустон.
Тој додаде дека истражувањето на вулканот може да открие многу тајни за внатрешниот состав на земјата.
– Од кратерот биле исфрлени огромни количества магма, кои содржат податоци интересни за геолозите – изјави Сагер.