Повеќе од 80 украински граничари, од кои двајца се повредени, синоќа преминале преку контролниот пункт Изварино-Доњецк во Русија за да се засолнат од судирите меѓу украинските и проруските сили, јави ИТАР ТАСС.
Претставникот на пограничната управа на Федералната служба за безбедност на Русија за Ростовската област, Василиј Малајев изјави дека во текот на минатата ноќ непознати вооружени луѓе го нападнале украинскиот контролен пункт Изварино и дека на руска територија на пунктот Доњецк поради заштита од вооружените напаѓачи преминале над 80 украински граничари, од кои двајца се повредени.
Според него, на повредените украински граничари им била укажана лекарска помош.
Малајев додаде дека меѓу работниците на рускиот контролен пункт и цивилите нема повредени, а руската страна преземала дополнителни мерки за обезбедување на границата.
Павел Астахов, советник на рускиот претседател за правата на децата, истакна дека на украинско-руската граница при премин во Ростовската област било пукано и врз еден автобус, со кој патувале жени и деца.
Возачот успеал да ги избегне истрелите, но засега не се знае дали некој е повреден од патниците во автобусот.