Во денешните две експлозии на бомба во градот Кадуна, во северниот дел на Нигерија, загинаа најмалку 82 лица, соопшти локалната полиција.
Цел на првиот напад на бомбашот-самоубиец беше умерениот исламски верски водач Дахиру Баучи, кој во тоа време држел проповед. Баучи не е повреден, но загинаа најмалку 32 негови следбеници, додека 14 се повредени. На проповедта на популарниот водач, имало и луѓе од Чад, Сенегал и Нигер.
Набрзо потоа, експлодираше и втора бомба, на пазарот Каво. Во оваа експлозија, според локалниот Црвен крст, загинале 50 лица.
Иако досега никој не ја презеде одговорноста за нападите, тие ги имаат сите обележја на дејствувањето на милитантната исламистичка група Боко Харам, која често напаѓа свештени лица, кои не проповедаат согласно нивната салафистичка идеологија.
Боко харам го почна бунтот во 2009 година, во обид од Нигерија да направи исламска држава. за првите шест месеци, во нападите на Боко Харам загинаа повеќе од 2.000 цивили, проценува организацијата „Хјуман рајтс воч“.