Тајландскиот принц Маха Вајиралонгкорн вчера на улиците на Бангкок ја предводеше велосипедската манифестација со која жителите на Сијамското кралство го одбележаа 88 роденден на суверенот на Тајланд, кралот Бумибол Адулјадеј. Облечени во жолти и сини велосипедски дресови 607.909 регистрирани учесници поминаа по 29 километри низ атрактивните локалитети на главниот град на Тајланд.
Според древната тајландска традиција, жолтата боја ја означува оданоста на народот кон кралот, а сината кон кралицата.
Покрај принцот престолонаследник во велосипедското дефиле учествуваа сегашниот премиер на Тајланд Прајут Кан-ока и 26 амбасадори, меѓу кои за јавноста најатрактивна беше појавата на амбасадорите на САД, Велика Британија, Франција и Јапонија.
Принцот го започна возењето во 15.40, а го заврши во 18.20 часот по лчокално време. Пристигнувањето на другите учесници од „морето обоено во жолто – сини бои ’’ траеше до раните утрински часови.
Појавата на амбасадорите на САД и Велика Британија помина без инциденти, но беше забележлив силниот аплауз за францускиот и јапонскиот амбасадор. Првите двајца деновиве предизвикаа гнев на тајландската јавност со своите негативни коментари за сегашната политичка состојба во Тајланд, а за разлика од нив францускиот и јапонскиот амбасадор имале позитивно мислење за враќањето редот и мирот во Тајланд.