Во поплавите по поројните сезонски дождови што ја зафатија Кенија изминатиов месец, загинаа над 60 лица, а десетици илјади ги напуштија своите домови, соопшти денеска претседателот на Кенија Вилијам Руто.
Руто нагласи дека во воздухопловната база во главниот град Најроби се подготвени пет тони храна и други основни намирници, кои треба да бидат доставени до погодените подрачја.
Кениската Влада, исто така, испрати војници за итна евакуација на жителите од областите погодени од поплави. Најтешко погодени се североисточните области Мерти и Гарбатула.
Армијата објави дека е испорачана помош во централниот град Исиоло, како и дека се испратени хеликоптери да фрлат пакети со храна во североисточните области каде патиштата се блокирани поради поплавите.
Повеќе десетици луѓе умираат секоја година во текот на сезоната на дождови во Кенија, која трае три месеци од март до мај.