Пакистанците денеска ќе излезат на протести ширум земјата, по вчерашниот напад на шиитска џамија. Повеќе од 60 лица се убиени во бомбашкиот напад на шиитска џамија на југот на Пакистан, што е најсмртоносен меѓусекташки напад во земјата во изминатите две години.
Полицискиот офицер Абдул Кудус Калвара соопшти дека во текот на ноќта три лица им подлегнале на повредите.
Нападот е изведен на џамијата Шикарпуру, 470 километри северно од Карачи, во време кога околу 400 верници присуствуваа на петочната молитва. Од силната експлозија џамијата се урна, а местото на несреќата е покриено со крв и делови од тела, раскажаа очевидци, пренесува Танјуг.
Одговорноста за нападот ја презеде сунитската милитантна група Џандулах, која порани беше дел од пакистанските талибанци.
– Со задоволство ја преземаме одговорноста за нападот на шиитите во Шикарпура, изјави портпаролот на групата Ахмед Марват.