Сто дваесет и три бегалци, кои сметаат дека биле нелегално задржани од страна на чешките власти во специјални центри, ќе ја тужат чешката Влада, а досега чешките судови во 36 случаи пресудиле во нивна полза, соопшти министерот за правда Роберт Пеликан.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, Пеликан, исто така рече дека состојбата во центрите за згрижување на бегалци во земјата, во многу аспекти се полоши од условите во затворите.
– Тие луѓе не се таму за да бидат казнети. Според нашите закони, тие направиле само прекршок, а од психичка страна таму е страшно, додаде Пеликан.
Пеликан оцени дека државата и нејзините граѓани исто така имаат свои права и дека не треба да се миниминизираат проблемите со мигрантите.
– Многумина од нив не сакаат да се идентификуваат и не соработуваат со органите. Не знаеме дали се опасност за општеството. Ги почитуваме законите и тоа е единствен пат во хаосот околу нас, рече шефот на чешкото Министерство за правда.