Претставници на Русија, Иран и Турција, на средба во Астана ја потврдија подготвеноста да си помагаат за целосно почитување на режимот на прекин на огнот во Сирија, денеска соопшти шефот на руската делегација, цитиран од ТАСС.
– Делегациите ја потврдија својата подготвеност за взаемно дејство во интерес на целосната примена на прекинот на борбените дејствија, изјави шефот руската делегација, генерал-мајор Станислав Гаџимагомедов, кој е заменик началник на Главната оперативна управа на Генерштабот на руските Вооружени сили.
Претходно беше соопштено дека на првата седница на заедничката оперативна група за контрола на почитувањето на примирјето во Сирија учествувале и претставници на ОН и Јордан.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека меѓу целите на средбата е подготвување мерки за контрола и превенирање на прекршувањата на примирјето, како и решавање на хуманитарните прашања. Предвидено е и посветување особено внимание врз одделување на умерената опозиција од единиците на Фронтот „Ан Нусра“.
Гаџимагомедов, исто така, изјави дека се разгледани мерки за создавање ефикасен механизам за набљудување и контрола на почитувањето на примирјето.
Учесниците дискутирале и за мерките за изграда на взаемна доверба со цел да се обезбеди непречен хуманитарен пристап.
Иран придонесува за борбата со Исламска држава и треба да биде учесник во „антитерористичкиот фронт“, во Москва изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
-Иран никогаш не бил обвинуван за врски ниту со ИД, ниту со Фронтот „Ан Нусра“, изјави тој. „Напротив, Иран придонесува за борбата со ИД.”