Пакистан ја разгледувал можноста за извршување нуклеарен напад врз Индија во 2002 година, изјави денеска во интервју за јапонскиот весник „Мајничи“, поранешниот пакистански претседател Первез Мушараф, кој на чело на државата беше во периодот од 2001 до 2008 година.
– Во 2002 година нивото на тензии беше толку високо, што постоеше веројатност да се премине таа линија, линијата на користење нуклеарно оружје, рече Мушараф.
Тој додаде дека пакистанските власти во тоа време минале неколку бессони ноќи, размислувајќи за тоа прашање.
Мушараф во истото интервју сепак вели дека „нуклеарна војна е нешто што би било целосно непростливо“.
Индија и Пакистан во мај 1999 година влегоа во вооружен конфикт, познат како Каргилска војна. Пакистанските воожружени сили тогаш уште еднаш се обидоа да го заземат Кашмир, навлегувајќи во округот Каргил на индискиот дел од областа. Тие сепак беа поразени и тој, уште еден неуспех во конфликтот со Индија доведе до воен преврат и тогашниот командант на Вооружени сили Первез Мушараф го отстрани од функцијата премиерот Наваз Шариф.
Уште едно сериозно нарушување во односите имаше во 2001-2002 година. Повод за тоа беше нападот врз зградата на индискиот Парламент од страна на борци од една од сепаратистичките групации, кои бараат целиот Кашмир да му биде предаден на Пакистан. Во тој напад загинаа десет лица. Индиските власти го обвинија Пакистан за поддршка на сепратистите.
Двете држави, кои поседуваат нуклеарно оружје, извршија мобилизација и во јануари 2002 година на пакистанско-индиската граница имаше околу 500 илјади индиски и 300 илјади пакистански војници. За среќа не дојде до војна, но во спорадичните гранични судири тогаш загинаа околу три илјади војници.