Поранешниот лидер на нигерската воена хунта,генерал Мухамаду Бухари, победи на претседателските избори во Нигерија.
Досегашниот претседател, Гудлак Џонатан, му ја честита победата на својот политички противник, откако Бухари имаше обезбедено сигурно водство од повеќе од два милиони гласови.
Џонатан беше претседател на Нигерија од 2011 година. Тој вети мирна транзиција и демократски пренос на власта.
Во првата реакција на опозицијата, чиј кандидат беше Бухари, му се одава големо признание на Џонатан, а досегашниот претседател се означува за херој, поради неговото однесување и постапки по изборите и по обелоденување на изборните резултати.
Победата на Бухари претставува значаен момент во историјата на Нигерија, затоа што никогаш досега еден претседател во оваа земја не бил поразен на избори.
Од 1960 година, од кога стана независна држава, во Нигерија се изведени повеќе воени удари, а низа спроведени избори беа оспорувани затоа што најчесто поразената страна, но и независните набљудувачи, ги означуваа како недемократски, а резултатите фалсификувани, па затоа за овие претседателски избори се вели дека претставуваат знак за зацврстување на нигерската демократија.
Мухамаду Бухари има 72 години. Тој е муслиман и потекнува од северот на земјата.
Кога во 1983 година нигериската армија изврши воен удар, во јануари следната година Бухари беше именуван за лидер на воената власт во земјата. На таа позиција остана до декември 1985 година, кога и тој беше соборен со пуч.
Независни набљудувачи во Абуџа оценуваат дека за него не може да се зборува како политичар кој може да гарантира заштита на човековите права, особено затоа што доаѓа од редовите на армиските сили, но мнозинството гласачи во Нигерија,сепак, веруваат дека тој може повеќе да направи за да се совлада милитантната исламистичка група Боко Харам, која подолго време ја тероризира земјата.
Во нигерската сојузна држава Борно, која важи за најпогодена од насилството и терористичките акции на групата, за Бухари гласале дури 94 отсто од гласачите.
Неговите симпатизери и активистите на опозицијата излегоа синоќа на улиците во Абуџа, како и во другите градови,да ја прослават победата, но од изборниот штаб на Бухари беше испратено соопштение во кое се повикуваат сите на „мирно и достоинствено„ прославување на изборната победа.
Портпаролот на новиот претседател,навести „брзо и драматаично намалување„ на тензиите во Нигерија.