Полскиот премиер Матеуш Моравјецки по денешниот состанок на т.н. Лублински триаголник, меѓу премиерите на Полска, Литванија и Украина во Варшава, побара да се запленат замрзнатите средства на руската држава, имотот на руските олигарси на Запад и да се префрлат тие средства во новиот иден Фонд за обнова на Украина.
– Технолошки санкции, санкции за стоки со двојна намера, која може да служи и за воени цели, замрзнување на имотот на руската држава и на олигарсите. Тој имот нека се искористи за обнова на Украина, побара полскиот премиер од западните сојузници на прес-конференција.
Моравјецки истакна дека средствата од тој иден фонд треба да им служат на луѓето кои нападнаа и кои се жртви на рускиот претседател Владимир Путин.
– Бруталниот агресор кој ја напаѓа државата нека ја плати највисоката цена што може да биде во демократијата и мирниот соживот на народот, нека ја плати цената на своите финансиски средства што ги акумулира низ целиот свет. Денеска апелираме од Варшава од состанокот на Лублинскиот триаголник: замрзнете ги целосно средствата на руската држава, запленете ги. Замрзнете го имотот на руските олигарси, големи и мали, деловни и политички. Овие средства нека послужат за обнова на државата која денес херојски ја брани својата независност и суверенитет, изјави Моравјецки.
Полскиот премиер додаде дека Полска ќе направи се за да подготви процедура за Украина што навистина ќе ја доближи до Европската унија, а со таа надеж ќе биде потребен и огромен фонд создаден од замрзнати и конфискувани средства и имот на руската држава и нејзините олигарси.
Моравјецки истакна дека она што се случува во Украина, особено во градовите како Мариупол, претставува масакр, „едноставно кланица среде Европа“.
Извор: МИА