Полска сака до 10 мај да ја отвори регистрацијата за вакцинирање потив Ковид-19 за секој возрасен граѓанин, изјави денеска полскиот премиер Матеуш Моравиецки, јави ДПА.
Полска веќе со денови ја намалува возрасната граница за регистрација, дозволувајќи им на помладите граѓани да се пријават. Од денеска сите граѓани родени во 1968 година и постари можат да се пријават на вакцината.
Меѓутоа да се регистрираат и да закажат вакцинација се две одделни работи. Владата претходно ја постави целта до крајот на август да обезбеди барем прва доза од вакцините за сите подготвени возрасни граѓани, додава ДПА.
-Имаме зголемена надеж дека тоа може да се случи дури и порано, но, тоа ќе зависи од бројот на вакцини што доаѓаат во Полска, рече Моравиецки на прес-конференција во Легница, во југозападна Полска.
Полска, држава со 38 милиони жители, до вчера имаше вакцинирано 8,85 милиони лица до првата доза на вакцина против Ковид-19, додека приближно 2,29 милиони лица ги примиле двете дози од вакцината.