Поранешниот лидер на нигерската воена хунта генерал Мохамаду Бухари се наоѓа во водство, по делумно преброените и верификувани гласови на претседателските избори во Нигерија.
По нешто над 50 отсто од преброените гласови, Бухари има „значителна предност“ од околу два милиони гласови пред актуелниот претседател Гудлак Џонатан, сооошти централната изборна комисија во главниот нигерски град Абуџа.
Овие привични резултати,од гласањето што се одржа во саботата, а во некои изборни единици беше продолжено и во неделата, поради вооружените напади на гласачките места, главно од џихадистите на групата Боко Харам се земаат со резерва затоа што се уште нема податоци за гласањето во некои од најголемите нигерски сојузни држави, како Лагос и Риверс. Нема конечни податоци и од гласањето во јужните држави од Нигерија, од каде потекнува Џонатан и каде се очекува тој да ја добие поддршката на тамошните гласачи.
Бухари е муслиман и потекнува од северот на оваа најнаселена земја во Африка, додека Џонатан е христијанин од југот на државата.
Победник во првиот круг е оној кандидат кој ќе освои најмногу гласови, но кој ќе обезбеди и барем 25 отсто од гласовите на две третини од нигериските 36 сојузни држави. Во вториот изборен круг, победникот се добива со просто мнозинство.
Доколку Гудлак Џонатан, на крајот биде поразен од својот противкандидат Бухари, ќе биде првиот нигериски претседател кој не успеал да победи на избори и освои нов мандат.