Европската унија е подготвена да му укаже помош на Ирак во борбата против тероризмот и во економската обнова, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини по средбата со ирачкиот премиер Хајдер ал Абади во Багдад.
Могерини претходно на прес-конференција со ирачкиот министер за надворешни работи Ибрахим ал Џафари истакна дека ЕУ соработува со Ирак во борбата против тероризмот, бидејќи „ирачката безбедност е составен дел од европската безбедност“.
Таа изјави дека земјите од ЕУ му доставиле оваа година на Ирак помош во вредност од 150 милиони евра.
Могерини посочи дека борбата со ектремистичката групација Исламска држава ја опфаќа не само воената, туку и социјално-културната и идеолошката сфера.
– Неопходно е да развиваме партнерство и истовремено да разјасниме дека спротивставувањето на ИД и на групации слични на неа нема карактер на судир меѓу цивилизации, додаде таа.
Во дводневната посета на Ирак Могерини е придружувана од холандскиот министер за надворешни работи Берт Кундерс. Тие ќе се сретнат со претседателот Фуад Масум и ќе го посетат Ербил за преговори со лидерот на Ирачки Курдистан, Масуд Барзани.