Речиси 60 проценти од Французите не ја одобруваат одлуката на Марин Ле Пен, лидерка на крајно десничарската партија Национален собир (RN), да се кандидира на следните претседателски избори, според анкета објавена денес од Институтот Елабе.
Сепак, мнозинството гласачи на RN – 68 проценти – сè уште ја одобруваат нејзината одлука, додека 32 проценти од поддржувачите на партијата се против нејзината кандидатура, објави телевизијата BFM.
Околу 79 проценти од поддржувачите на Новиот народен фронт (NPF), левоориентирана еколошка коалиција, се против нејзината кандидатура, додека 75 проценти од блокот Ensemble pour la République, центристичка политичка коалиција, се против неа.
Мислењата за ова прашање се поостро поделени меѓу републиканските гласачи, при што 51 процент од нив веруваат дека Марин Ле Пен погрешила што се кандидирала, а 49 проценти ја поддржуваат нејзината кандидатура.
Покрај тоа, 36 проценти од гласачите на РН веруваат дека Џордан Бардела би бил подобар претседателски кандидат, 26 проценти се повеќе наклонети кон Марин Ле Пен, додека 38 проценти не гледаат разлика помеѓу двата кандидати.
Марин Ле Пен потврди дека ќе биде кандидат на претседателските избори во 2027 година, и покрај тоа што беше осудена по жалба за проневера на јавни средства во Европскиот парламент.
Во интервју за телевизијата TF1, Ле Пен изјави дека е задоволна што ѝ е вратено правото да се кандидира.
„Среќна сум што Французите ја вратија својата слобода да гласаат и што судот ми го врати правото да бидам избрана“, рече Ле Пен.
Таа најави дека ќе поднесе жалба на пресудата на Апелациониот суд во Париз до Касациониот суд.
Апелациониот суд ја осуди Ле Пен на три години затвор, од кои една година ќе биде предмет на електронско следење, и парична казна од 100.000 евра, за проневера на јавни средства од парламентарни помошници на поранешниот Национален фронт.
Судот, исто така, ѝ изрече забрана од 45 месеци да се кандидира за функција, од кои 30 се суспендирани, при што ефективната забрана веќе истече, дозволувајќи ѝ да се кандидира на претседателските избори во 2027 година.
