Мишел: Лидерите на ЕУ неделава ќе разговараат за украинското барање за членство

Од:

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска најави дека лидерите на ЕУ во следните неколку дена ќе разговараат за апликацијата на Украина за членство во ЕУ.

„Во наредните денови ќе разговараме за апликацијата на Украина за членство во ЕУ“, напиша Мишел на Твитер.

Следна можност да се разговара за ова прашање е неформалниот самит што ќе се одржи во четврток и петок во Версај.

Француското претседателство со Советот на ЕУ го планираше состанокот првенствено да разговара за европскиот модел на раст и инвестиции до 2030 година, но руската инвазија на Украина, кандидатурата за членство на Украина и безбедносната ситуација во Европа најверојатно ќе ја засенат првично планираната тема.

Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна најави дека сака самит на кој ќе се разговара за промени во европската одбранбена политика и европска стратегија за енергетска независност.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела во драматични околности потпиша апликација за членство во ЕУ, а наскоро такви барања упатија и Грузија и Молдавија. Сите три земји учествуваат во Источното партнерство, во кое ЕУ работи на зближување и соработка со своите источни соседи, но не им ја нуди перспективата за членство ветена на Западен Балкан.

Сега се поставува прашањето дали најновите случувања ќе го променат тоа. Ова е многу чувствително прашање за Европската унија. По руската инвазија на Украина, Унијата дејствуваше многу брзо, воведувајќи невидени санкции против Русија, покажувајќи солидарност и единство со Украина и со Украинците, но по прашањето за проширување тешко е да се очекува такво единство, барем засега.

Во посебен твит, Мишел напиша дека денеска телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, од кого побарал „да ги прекине непријателствата и да отвори хуманитарни коридори во Украина“.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Писонеро: ЕУ очекува сите политички сили во Македонија да го поддржат напредокот на европскиот пат

Орце Костов

Загина познатиот украински кревач на тегови Александар Пелешенко

Руски наредник уби командант и пет војници

Алејник: Украина се обидува да пренесе оружје на територијата на Белорусија за напад

Во напад на украински дронови тешко повредени се шест лица

Украина треба да плаќа 500 милиони долари годишно само за камата